top of page

Како да ја разберете наталната карта?!

Updated: Aug 24, 2019

Наталната карта е дел од Наталната Астрологија. Таа е отпечаток на Вашиот карактер и животен пат. Од Наталната карта може да се извадат податоци за Вашиот полн потенцијал и таленти, Вашиот карактер со сите доблести кои треба да ги развивате, но и маани, на кои треба свесно да влијаете - за да бидете најдобрата верзија од себе. За да се изработи наталната карта, потребно е да ги знаете датумот, времето и точната локација на Вашето раѓање. Овие податоци служат за да се одреди точната поставеност на 10те планети (вклучувајќи ги Сонцето и Месечината, а исклучувајќи ја планетата Земја), 12те куќи и буквално еден тон други аспекти кои биле на небото,во моментот на Вашето раѓање. Секој од овие аспекти претставува нешто различно во Вашиот животен пат и со себе носи одредена енергија. За да ја разберете Вашата натална карта треба детално да ги истражите сите аспекти и да разберете што всушност тие значат за Вас и дали и колку е одреден аспект важен во Вашиот живот. Аспектите не се манифестираат секогаш на ист начин, а има веројатност некои од нив никогаш и да не Ви се случат, иако постојат во Вашата карта. Секогаш се земаат во предвид влијанијата и на другите планети и моментални транзити. Во толкувањето на Вашата натална карта, најмногу влијание има позиционираноста на Сонцето и Месечината, како и Вашиот подзнак. Овие три се нарекуваат и Светото тројство во астрологијата. Следно по важност е влијанието на Меркур, Венера и Марс, кои уште се нарекуваат и "лични планети", а воедно се и најблиску до планетата Земја. Потоа, Јупитер и Сатурн или таканаречените "социјални планети". И на крај Уран, Плутон и Нептун, таканаречените "далечни планети" кои престојуваат најдолго во еден хороскопски знак и најчесто нивното влијание опфаќа повеќе генерации, За да ја разберете Вашата натална карта неопходно е да ја толкувате и поставеноста на Месечевите чворови(северен и јужен), на Кирон и понекогаш на Лилит. Вашата натална карта е поделена на 12 полиња или куќи. Почетокот на првата куќа се определува од часот на Вашето раѓање и знакот во кој што се паѓа го претставува Вашиот подзнак. Секоја куќа претставува различен дел од Вашата личност и животен пат. Ако во Вашата натална карта во одредено поле/куќа нема планета, тоа значи дека фокусот на Вашиот развој треба да го ставите во усвојувањето на карактеристиките на знакот од почетокот на тоа поле. Исто така, немањето на планета во некое одредено поле/куќа, вообичаено значи дека во друго поле има повеќе од една. Доколку во едно поле сретнеме три или повеќе планети, тоа се вика стелиум. Стелиумите најчесто се чувствуваат како огромно количество акумулирана енергија во мал простор и личноста која ги има во наталната карта, многу често се соочува со предизвици поврзани со полето во кое се случува стелиумот. Со тек на време овие личности учат како правилно да ја насочат и контролираат оваа енергија и од неа да го направат својот најголем животен успех. Во наталната карта се содржани сите можности и избори кои што некогаш ќе ги имате, но ова не значи дека судбината е стриктно одредена и од пишаното нема бегање! Човекот поседува слободна воља и свесност и има капацитет да процени кои избори и можности се поволни за него и неговата околина и тие да ги избере. Па, така наместо како фиксна судбина, својата натална карта може и треба да ја разбереме како алатка, со чија што помош ќе ги откриеме и развиваме нашите потенцијали, ќе ги надминеме нашите предизвици и ќе го живееме животот како најдобрата верзија од себе. #астротека #учимеастрологија #наталнакарта

Comments


  • Facebook
  • Twitter
  • LinkedIn

©2019 by АстротекА. Proudly created with Wix.com

bottom of page